Пеп Гвардиола изјави дека нема да тренира друг клуб откако ќе го напушти Манчестер сити по истекувањето на договорот во летото 2026 година, и по една деценија мината на „Етихад“. Вели дека е заинтересиран за селекторска функција.
– Во одреден момент кога ќе почувствувам дека е доста, во тој момент дефинитивно ќе престанам. Нема да заминам во друг тим, нема да водам друг клуб. Нема да одам во друга земја и да ги правам истите работи што ги правам сега.
Ќе немам енергија. Сега сè уште сум тука, но не сакам да размислувам за повторно почнување, за целиот тренажен процес… Не, не – изјави Гвардиола за каналот Јутјуб Десмонтадито.
Тој рече дека селекторската функција би била интересен избор за него.
– Да, може да биде затоа што е поинаква. Без тренинзи секој ден, натпревари на секои три дена. Би добил шанса да се одморам, да видам што направивме, што можеме подобро, бидејќи во секојдневниот ритам нема многу време за одмор, рече тој.
Гвардиола досега го водеше Манчестер сити на 495 натпревари со ефект од 361 победа, 62 нерешени и 72 порази. За време на мандатот, тој освои шест титули во Премиер лигата, два ФА купа, четири Лига купа и првата Лига на шампиони (ЛШ) за Сити.