(ВИДЕО) Париз 2024: Олимписките медали ќе содржат парчиња од Ајфеловата кула

Шестоаголни, полирани парчиња железо земени од култната Ајфелова кула ќе бидат вметнати во секој златен, сребрен и бронзен медал што ќе им биде доделен на спортист(к)ите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз (од 26 јули до 11 август), соопштија организаторите.

Ајфеловата кула висока 330 метри и е направена од 18.038 железни делови, за Светскиот саем во 1889 година, по повод 100-годишнината од Француската револуција.

Делото на Густав Ајфел требаше да стои само 20 години. Но Кулата и натаму опстојува благодарение на „операцијата за подмладување“ одвреме, навреме, и постојаната грижа. Кулата беше сведок и на две претходни ЛОИ, во 1900 и во 1924 година.

Железните парчиња вградени во средниот дел од медалите тежат по 18 грама. Тие се исечени од носачи и од други делови кои беа заменети од Кулата за време на реновирањето и складирани на чување.

Парчињата од рециклирано железо се исчистени од боја, исполирани и излакирани за нивниот „втор живот“. Тие се со печат „Париз 2024“ и со логото на Игрите. На медалите се втиснати и петте олимписки кругови.

Шестоаголната форма на железните парчиња ја претставува Франција затоа што Французите својата земја понекогаш ја нарекуваат шестоаголник (L’Hexagone), поради нејзината форма.

Париската куќа за накит Шоме ги дизајнираше медалите кои ќе бидат уникатни бидејќи Париз е единствениот град-домаќин  во чии одличја ќе има делови од познат споменик.

Париската ковачница произвела 5.084 медали, околу 2.600 за ЛОИ и 2.400 за Параолимпијадата (ПОИ), што е повеќе отколку што ќе биде потребно, за „секој случај“.

Златните медали тежат 529 грама, но не се од чисто злато. Тие се изработени од сребро и обложени со само шест грама злато. Сребрените тежат 525, а бронзите 455 грама и се легура од бакар, калај и цинк.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО