Панчевски со нова победа, Лазов ремизираше во дербито на врвот

Шахистите на ШК Алкалоид имаа тежок ден во шестото коло од Отвореното првенство на Македонија, кое се игра во Скопје, но, сепак, успеаја да се справат со предизвиците и да останат во игра за титулата.
На првата табла, ИМ Тони Лазов (2358) ги имаше црните фигури во дуелот со водечкиот ИМ Емил Ристески (2365), но оваа партија заврши со поделба на поенот, за разлика од другите четири дуели на следните неколку табли, во кои настапуваа оние кои се на врвот на табелата.
ИМ Филип Панчевски (2432) со бели фигури го надигра Георги Петров (2088) на втората табла, додека, пак, најголемо изненадување направи ФМ Андреј Велјаноски (2290) со победата над ИМ Никола Николовски (2381). На овој начин неизвесноста во борбата за титулата останува бидејќи сега на врвот се четворица шахисти кои имаат по 5 бода (Ристески, Панчевски, Велјаноски и Златков), додека, пак, зад нив со 4,5 бода има тројца играчи (Лазов, Велески и Главинац).
Во седмото коло ИМ Панчевски ги има црните фигури во дуелот на првата табла со ФМ Велјаноски, додека, пак, Златков со бели фигири игра против ИМ Ристески на втората табла, а ИМ Лазов на третата табла ќе игра со бели фигури против Главинац (1993).
На турнирот кај шахистките, исто така, се играше 6. коло, но според Бергеровиот систем, а во него се случи и дуелот на двете шахистки кои имаа највисок стартен рејтинг: Драгана Николовска (1905) и ЖИМ Габриела Коскоска (1993). Партијата заврши со реми по четири часа игра, при што Николовска имаше иницијатива по изедначувањето на отворањето, а Коскоска имаше неколку непрецизни потези во средишницата и беше во тешка ситуација. Сепак, се чини дека искуството пресуди на крајот, кога Коскоска, со жртвување фигура, создаде реми-ситуација, во која Николовска не можеше да го промовира пешакот во последниот ред.
Леа Ефтовска (1797) со нова победа над Кајла Бурнс (1446) стигна до 5,5 поени, додека, пак, Коскоска сега има 5 и го дели второто место со Жежовска (1868). За одбележување од ова коло е и нерешениот резултат на Бонита Јакимова (1523) од младинската школа на ШК Алкалоид, која со црни фигури успеа да остане непоразена во дуелот со поискусната Ајрадоноска (1809).
Во седмото коло од овој турнир ќе се игра и дерби-мечот за титулата, во кој ЖИМ Коскоска ќе ги има белите фигури против Ефтовска. Партиите од двете првенства започнуваат во 17:30 часот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО