Одбојкарите со новиот селектор Хари Наковски пред нови предизвици, во Златната лига и во квалификациите за ЕП 2026

Поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец, Хари Наковски е новиот селектор на најдобрите одбојкари на Македонија.

Во пресрет на мечевите во Европската „златна“ лига и во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2026-та, Одбојкарска федерација на Македонија (ОФМ) реши Наковски да ја преземе улогата на Јошко Миленкоски, кој лани ја предводеше Македонија до најголемиот репрезентативен успех, пласман во осминафиналето.

– Голема чест е да се наследи и да се работи со Јошко Миленкоски кој е најголемо тренерско име во Македонија. Се надевам дека со со добра работа ќе ја исполниме целта, беше првиот коментар на Наковски, кој минататa година му беше асистент на Миленкоски.

Во Стручниот штаб ново име е асистентот Кристијан Ристески, а скаутот Павле Матиќ и кондицискиот тренер Горан Панковиќ работеа и лани, дополнува селекторот Наковски надевајќи се дека Македонија ќе игра добро и дека ќе може да оствари две или три победи во Златната лига.

Миленкоски рече дека му е време за повлекување, и оти со големо задоволство му ја предава селекторската палка на Наковски.

– Оваа сала, ова место, буди големи спомени, тука ги ковавме резултатите на последното ЕП. Тоа беше најубавиот дел од мојата тренерска кариера и сега веќе можам слободно да размислувам за тренерска пензија. Верувам дека Хари со своите помошници и со моја помош, сега од еден друг агол во насока на логистика, совет, поддршка итн ќе биде успешен, ја објаснува Миленкоски новата улога во репрезентацијата.

Македонските одбојкари ќе се соберат на 2-ри мај и ќе тренираат во Струмица до 8-ми мај, кога ќе отпатуваат на пријателските натпревари со Романија. Потоа се враќаат во салата „Парк“ и ќе тренираат до почетокот на Златната лига, на 17-ти мај

Македонија ќе им биде домаќин на Чешка и на Естонија на првиот турнир. Следните два ќе бидат во Белгија и во Хрватска.

Во август се два од четирите натпревари во квалификациите за ЕП 2026. Акцентот ќе биде ставен токму на нив, затоа што преку Грузија и Грција, Македонија бара шанса за четврти континентален собир по ред.

За разлика од лани, во составот ќе го нема Александар Љафтов, кој побара одмор и ќе се приклучи во јули кога ќе почнат подоготовките за квалификациите. Филип Деспотовски се пензионираше, а нови играчи се Михајло Мирасчиев од Штип УГД и Кристијан Илиев од Струмица 47&72.

Состав на Македонија:

Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса,Турција), Давид Стојанов (Фужинар, Словенија)

Коректори: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана, Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71&22), Кристијан Илиев (Струмица 47&72)

Примачи: Владо Милев (Струмица 47&72), Лука Костиќ (Рибница, Србија), Стојан Илиев (Анагенисис, Кипар), Тоше Ефремов (Весна, Пробиштип)

Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде, Белгија), Филип Савовски (Војводина, Србија), Филип Лепидовски (Таково, Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД)

Либера: Дарко Ангеловски (Работнички 71&22), Костадин Ричлиев (Штип УГД)

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО