Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) доби нов партнер за периодот кој следи. „Новоматик Македонија“ потпиша договор со Куќата на фудбалот. Спонзорот влегува во Федерацијата во следните две години.
„Новоматик Македонија“ и ФФМ потпишаа двегодишен договор, вреден 1.000.000 евра. Задоволство од постигнатиот договор покажаа првиот човек на мак-фудбалот Масар Омерагиќ и претставничката на „Новоматик Македонија“, Марија Митревска, како и генералниот директор Александар Симовиќ.
-Фудбалската федерација на Македонија никогаш досега во својата историја немала ваков обем на финансика поддршка од спонзори и треба да бидеме горди што во нецели два месеци успеавме да привлечеме сериозни компании да бидат значајна поддршка за македонскиот фудбал. Со поддршката ќе можеме да инвестираме во развојот на нашиот фудбал, подобрување на инфраструктурата, унапредување на младинските категории и организирање на уште поквалитетни натпреварувања. Оваа соработка не е само спонзорство. Тоа е спој на заеднички амбиции и взаемна желба да се постигне нов резултат за македонски спортски успеси, истакна претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Ова партнерство со ФФМ е уште еден значаен чекор напред во мисијата на Новоматик Македонија за поддршка и унапредување на македонскиот спорт.
-Нашата посветеност кон спортот, заедницата и младите е од суштинско значење за Новоматик Македонија. Вложувањето во спортски проекти не е само дел од нашата стратегија за корпоративна одговорност, туку и искрена желба да придонесеме за развојот на македонскиот фудбал. Уверени сме дека ова партнерство ќе донесе позитивни резултати и ќе ги мотивира сегашните и идните генерации фудбалери, изјави Марија Митевска, претставник на Новоматик Македонија.
Компанијата „Новоматик Македонија“ покрај ФФМ, ги спонзорира фудбалскиот и ракометниот клуб Вардар второлигашот Кожув и кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје.