Напаѓачот Маркус Рашфорд го пропушти вчерашниот натпревар на Манчестер јунајтед против Њупорт (4:2) во ФА купот поради, како што објасни Ерик тен Хаг, „интерен проблем“.
Рашфорд (26) го пропуштил тренингот во петокот, откако пријавил дека е болен. Но англиските медиуми објавија дека тој бил виден во ноќни клубови, во средата и во четвртокот вечерта.
– Тој јави дека е болен. Останатото е наша интерна работа и јас ќе се позанимавам со тоа, изјави Тен Хаг во неделата.
На прашањето зошто некој што пријавил дека е болен треба да биде внатрешна работа, на прес-конференцијата по натпреварот, Тен Хаг едноставно одговори: „Тоа е внатрешна работа“.
На дополнителното прашање дека со тоа иницира повеќе прашања отколку одговори, Тен Хаг додаде: „За вас, не за мене. Тоа е внатрешна работа и јас ќе се занимавам со тоа. Ќе се справиме со тоа“.
Според „Сан“, Рашфорд би можел да биде парично казнет со две неделни плати или со околу 650.000 фунти.
– Неверојатно е тоа што тој мислел дека може да оди во клуб полн со луѓе и да тврди дека тоа не се случило. Менаџерот Тен Хаг е многу разочаран, тврди изворот на „Сан“.