Барселона моментално е во резултатска криза во домашната Ла лига. На последните пет натпревари, Каталонците забележаа само една победа, а со неделниот пораз од Леганес (0:1) останаа израмнети со бодови со второпласираниот Атлетико Мадрид. Реал е на третото место, но двата мадридски клуба имаат одиграно еден натпревар помалку.
Потенцијално уште поголем проблем за Каталонците е тоа што нивниот главен напаѓач, 17-годишниот Ламин Јамал ги повредил лигаментите на глуждот. Од клубот преку официјалните канали потврдија дека тој ќе биде надвор од терените околу еден месец, односно ќе паузира меѓу три и четири недели .
Тоа е голем удар за Барселона, која во следното коло на домашен терен ќе игра против Атлетико Мадрид, а по тој меч следуваат тестовите во „кралскиот куп“ против Унион и во шпанскиот Суперкуп против Атлетик Билбао.
Јамал потенцијално би можел да се врати за натпреварот од Ла лига против Хетафе, кој е закажан за 19 јануари 2025 година.