Коментаторот на Евроспорт, Боб Балард суспендиран е од телевизиските преноси на Олимписките игри (ОИ), откако упати сексистичка забелешка за австралиските пливачки.
Откако го обезбедија златото во штафетата на 4×100 метри слободно, австралискиот квартет составен од Ема Мекион, Шејна Џек, Моли О’Калоган и Мег Харис го напушти пливалиштето во Париз.
Во тој момент, Балард рекол: „Па, жените завршуваат. Знаете какви се жените, се вртат наоколу, се шминкаат“.
Клипот од коментарот брзо стана вирален на социјалните мрежи, а Евроспорт реши да дејствува брзо, веднаш отстранувајќи го Балард од етерот за време на преносите од Игрите.
– За време на синоќешното покривање на Евроспорт, коментаторот Боб Балард даде несоодветен коментар. Поради ова тој беше отстранет од нашата листа на коментатори и одлуката стапи во сила веднаш, се вели во соопштението на телевизијата
Новинарката Лизи Симондс, ко-коментаторка на Балард, го опиша коментарот како „неверојатно“.
Балард допрва треба јавно да проговори по контроверзната изјава што предизвика бес на интернет.
Paris 2024 we’re ready and raring to go! pic.twitter.com/V6tZR6DM0n
— Bob Ballard (@bobballardsport) July 26, 2024
Неговиот несоодветен коментар е во остра спротивност со иницијативата на париските организатори кои ги промовираат „Игрите за еднаквост“, а ИОК го истакнува фактот дека жените сега сочинуваат 50 отсто од учесниците.
Балард е многу искусен новинар и не му се непознати водените спортови. Тој е во медиумите повеќе од четири децении, покривајќи пливање, нуркање и ватерполо во текот на телевизиската кариера.