Норијаки Касаи не се предава: Скока и победува на 52 години, и сака да настапи на ЗОИ 2026!

Јапонската спортска легенда Норијаки Касаи им пркоси на годините и е миленик на навивачите ширум светот. Тој ги освои срцата на многу љубители на ски-скоковите, и се’ уште не сака да се пензионира.

„Дедото“ Касаи во јуни ќе наполни 52 години, но тој и натаму вредно тренира, скока и победува! Пред неколку дена тој настапи на националниот куп натпревар на скокалница во Сапоро и во многу силна конкуренција на ниво на Јапонија, неочекувамо за многумина, победи.

Касаи во првата серија прескокна 125 метри и се најде на четвртото место. Во водство беше 28-годишниот Јукија Сато, познато име, човекот со две победи во Светскиот куп (СК). Но и Сато не го издржи налетот на 23 години повозрасниот Касаи, кој во втората серија прелета 130 метри и се најде на највисокото место на подиумот.

– Во првиот обид бев нервозен и правев грешки, но успеав да се најдам на добра позиција. Не чувствував притисок во втората серија, бев концентриран и мислев дека ако работите се развиваат како што треба, можам да победам. Но не мислев дека можам да прескокнам 130 метри, изјави Касаи.

Со таа победа тој доби право на настап во два квалификациски натпревари за СК во Сапоро, на 17 и 18 февруари. Лани не успеа, но ако годинава му се посреќи, ќе го собори сопствениот рекорд како најстар учесник во СК.

Последен пат во СК настапи во 2020 година, исто така во Сапоро, тогаш како 47-годишен. Тоа беше неговиот 569-ти настап во СК со што влезе во Гинисовата книга на рекорди, не само кога станува збор за скијачки скокови, туку и за сите натпреварувања под покровителство на Меѓународната скијачка федерација (ФИС).

Тоа не се единствените рекорди што ги држи Касаи. Тој е најстариот човек кој победил во СК (Рука, 42 години и 176 дена), најстариот што застанал на подиумот (Планица, 44 години и 293 дена) и најстариот освојувач на олимписки медал во скијачки скокови (Сочи , 41 година и 254 дена).

Тој има учествувано на осум Зимски олимписки игри (ЗОИ), рекорд што го дели со германската лизгачка Клаудија Пехштајн. Но Касаи се’ уште не се откажал од олимписките соништа. Негова голема желба е повторно да лета на Планица и да настапи на ЗОИ во Кортина д’Ампецо 2026 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО