Спортистите кои ќе освојат златен, сребрен или бронзен медал на Олимписките игри (ОИ) во Париз можат да очекуваат најразлични награди во нивните земји, во вид на дијаманти, ослободување од воена служба, стан…
Мечувалките од Хонг Конг кои освоија злато во Париз, Чеунг Ка Лонг и Вивијан Конг Ман Ваи, како награда од локалната власт, добија, доживотни бесплатни билети за подземната железница! Еден „синџир“ на спортски теретани на 35 „надежни“ олимпијци од Хонг Конг им понуди членство на неопределено време.
Во Јужна Кореја, сите мажи способни за воена служба, мора да отслужат најмалку 18 месеци воен рок. Но Владата одлучи секој освојувач на олимписки медали да го ослободи од воена служба.
Бесплатни нарачки за храна го чекаат спортистот кој ќе го освои првиот златен медал за Малезија на ОИ во Париз, вети една компанија за испорака и транспорт. Малезиската влада вети дека златниот медалист ќе добие луксузен апартман и џип.
Полска ќе биде исклучително дарежлива со своите освојувачи на медали. Дијамант, бонус од 250.000 злоти (58.000 евра), двособен стан, слика и ваучер за одмор; тоа е џекпотот што му е ветен на секој Полјак, олимписки победник во индивидуален спорт.
Ирачките спортисти, кои се квалификуваа за ОИ, добија земја, како и околу 6.600 евра, според Ирачкиот олимписки комитет. Тие од државата ќе добиваат и месечна плата од 400.000 динари (275 евра).