Машката кошаркарска репрезентација на Македонија одигра одличен меч на гостувањето во Клаипеда против Литванија, но тоа не се покажа како доволно за да стигне до изненадување, губејќи го мечот со 72:94.
Како недоволна се покажа и маестралната игра на Ненад Димитријевиќ, заокружена со помалку нереални, но вистинити 43 поени. По четири кола во групата Х, Македонија е со скор 1:3, по што во февруари наредната година, следува разврската.
Четвртина за паметење одигра Димитријевиќ во Арената „Швитурис“ во Клаипеда. За 10 минути нашиот најдобар кошаркар даде дури 18 поени (и четири асистенции). До повреда во 34 минута од играта, „застана“ на 43 поени.
Nenad Dimitrijevic with an INSANE 43 PTS performance against Lithuania 🇲🇰🤯#EuroBasket | #MakeYourMark pic.twitter.com/ExiBV121jX
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) November 24, 2024
Во еден момент тој имаше ист број постигнати поени како и домашната селекција, што доволно говори за ефектот на бекот на Македонија.
Но, Димитријевиќ не можеше сам против сите Литванци. За жал, не се „појави“ уште некој наш играч за да му помогне. Литванците делуваа трпеливо, макар што на моменти делуваа и нервозно, секако, „предизвикани“ од играта на нашиот најдобар играч.
Кошаркарот на Олимпија од Милано шутираше 16/30 од поле (7/15 тројки), плус шест асистенции, четири скока, три украдени топки и две загубени топки за вкупен корисен индекс од 40.
– Одигравме многу добро прво полувреме. Во второто имавме многу повеќе проблеми со контрола на скокот, тир знаеја како да го искористат тоа и заслужено славеа.
Јас дадов 43 поени, тоа е добро, но не значи ништо бидејќи го загубивме натпреварот. Што се однесува до повредата, мислам дека беше само силен грч и дека се’ ќе биде во ред набргу, изјави Димитријевиќ.
Nenad Dimitrijevic suffers an injury and is carried off during the game against Lithuania 🤕 #EuroBasket pic.twitter.com/kzxrI0qc4b
— BasketNews (@BasketNews_com) November 24, 2024
Во февруари на Македонија и и потребна победа над Естонија на гости, и против Полска на домашен терен, но и пораз на естонската репрезентација.
Во Талин, Полска триумфира над Естонија со 88:86, за нив прв во циклусот. Тоа беше и прв пораз на естонската селекција, исход кој е битен и за Македонија.
По четири одиграни кола Естонија е со три победи и еден пораз, Полска има една победа и три порази.
ГРУПА Х
Резултати, 4. Коло
Естонија – Полска 86:88
Литванија – МАКЕДОНИЈА 94:72
ТАБЕЛА
- Литванија 4 3 1 318:268 7
2. Естонија 4 3 1 307:294 7
3. МАКЕДОНИЈА 4 1 2 304:321 5
4. Полска 4 1 3 301:347 5
Идно коло (21 февруари 2025)
Естонија – МАКЕДОНИЈА
Полска – Литванија