Поранешниот фудбалер на Јувентус, Џорџо Кјелини, очигледно не може без црно-белата боја, тој се врати во клубот од Торино.
Тој сега доаѓа во клубот со кој освои многу трофеи, но во сосема друга улога, ќе ја извршува функцијата директор за институционални односи.
– Се вратив дома, во друга форма и облека. Црно-белата боја е лично моја и секогаш се чувствував добро кога сум во неа. Возбуден сум поради новата авантура и свесен за одговорноста која ќе ја носам. Со нетрпение чекам да придонесам и да бидам од корист, со страст како и секогаш, да го носам Јувентус до нови достигнувања, порача 40 годишниот Кјелини.
Искусниот дефанзивец мина во Јувентус 18 сезони, одигра 560 натпревари во сите конкуренции и постигна 36 голови. Со Јувентус освои девет титули во Серија А, пет трофеи во Купот на Италија и два пати со тимот од Торино стигна до финалето во ЛШ, каде два пати беа поразени.
Играчката кариера по Јуве ја продолжи во Лос Анџелес, па токму таму и ја заврши истата.