НБА плеј-оф, финале: Бостон го декласира Далас на Дончиќ и поведе со 1:0

Бостон селтикс, како домаќин, го победи Далас маверикс со 107:89 во првиот натпревар од НБА финалето и поведе со 1:0 во серијата до четири победи. Кај Селтикс најдобри беа Џејлен Браун со 22 и Кристапс Порзингис со 20 поени. Кај Маверикс Лука Дончиќ одигра фантастичен натпревар, постигна 30 поени, со 10 скока.

Од почетокот беше јасно дека Бостон има многу поголем ростер и дека Далас, покрај Дончиќ ќе мора да има уште најмалку двајца-тројца мотивирани играчи доколку сака да направи нешто повеќе на овој меч. На стартот ниту една екипа не успеа да направи поголема разлика, но се виде дека предноста на Селтикс е многу поширокиот избор на играчи.

Во средината на првата четвртина, при израмнет резултат, на местото на Ал Хорфорд влезе Кристапс Порзингис и тој потег на тренерот на Бостон се покажа како клучен. Летонецот ја одигра фантастично својата улога. Две блокади, три скока и 11 поени му донесоа на Бостон +17 (37:20) на крајот од првата четвртина.

Почетокот на втората четвртина беше само продолжение на првите 12 минути. Порзингис продолжи да го игра еден од најдобрите натпревари во НБА. Му се придружи и фантастичниот Браун, па кај Селтикс не се почувствува тоа што Џејсон Тејтум имаше полош ден.

Далас се прибра малку по -29, но Бостон веднаш ги врати работите на вистинскиот пат. Порзингис продолжи да блокира, Браун да погодува и на четири минути до крајот на првото полувреме, Бостон беше на +29 (58:29).

Единствена светла точка кај Далас беше Лука Дончиќ со 17 поени во првите две четвртини. Порзингис постигна дури 18 во тој период од играта.

До крајот на првото полувреме Далас намали на 42:63, а на почетокот од третиот период Бостон падна во „црна дупка“ и Мавси со голема серија стигнаа на само -8 (64:72). Сепак, Бостон успеа да го издржи тој налет и со нова, голема серија се врати на преку 20 поени разлика.

Во последната четвртина Бостон повторно стигна до +25 и тоа беше крај на сите надежи на гостинскиот тим.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО