Лос Анџелес Клиперс потпишаа нов договор со 10-кратниот Ол-стар играч, Џејмс Харден, во зделка што вклучува уште тројца играчи.
Условите на договорот не беа откриени, но повеќе американски медиуми минатата недела објавија дека тој ќе потпише двегодишен договор вреден 70 милиони долари.
Харден (34) имаше просек од 16,6 поени, 8,5 асистенции и 5,1 скока на 72 натпревари минатата сезона во првата сезона со Клиперс.
– Харден беше сè што очекувавме да биде кога го ангажиравме од Филаделфија минатата сезона, докажан стрелец, одличен додавач, кошаркар кој ја штити топката и им ја олеснува играта на другите. Бевме подобри со него лани и повторно ќе бидеме, рече претседателот на Клиперс, Лоренс Френк.
Клиперс го добија Харден од Филаделфија на почетокот од минатата сезона во трејдот со три тима во кој беше вклучена и Оклахома Сити. Харден бараше нов тим по финансискиот спор и последователниот конфликт со претседателот Филаделфија, Дарел Мори.
Харден беше МВП во 2017/2018 година и трикратен стрелец број 1 во текот на осумте сезони со Хјустон рокитс. Тој во кариерата има просек од 24,1 поен, 7,1 асистенции и 5,6 скока на 1.072 натпревари во 15-те НБА сезони.
Клиперс објавија дека постигнале договори со Никола Батум и Дерик Џонс Јуниор, како и со Кевин Портер јуниор, но финансиските детали не беа откриени.