Во досегашниот тек на Олимписките игри (ОИ) имаше доста резултатски изненадувања, но веројатно најголемото досега се случи во салата „Париз Експо Порт де Версај“, каде што се одржуваат натпреварите за пинг понг.
Првиот светски играч и прв фаворит на турнирот, Кинезот Ванг Чукин елиминиран е во осминафиналето на турнирот! Тој беше поразен од Швеѓанецот, Трулс Мерегорд, со 2:4 во сетови, против кого досега имаше перфектни 8:0 во меѓусебните мечеви.
Вчера Ванг го прослави освојувањето на златниот медал во мешани двојки, но неговата радост траеше кратко бидејќи во хаосот при фотографирањето по победата, еден фотограф случајно му го скрши рекетот. Сепак, Ванг не го искористи тој инцидент како алиби за поразот и елиминацијата.
– Тоа не беше клучен детал и причина за мојот пораз. Бев малку надвор од контрола по она што се случи, но тоа не беше клучот, клучот беше што тој одигра перфектно и заслужено ме победи.
Мислам дека имам овде најмалку 10 рекети и 500 гуми, па и не беше важно. Всушност, не знам ни кој рекет ми е прв, а кој трет, па не е ни важно, рече Ванг.
Победата над првиот фаворит на турнирот го остави Мерегорд во неверување. Се фрли на подот и зачудено ја држеше главата пред да истрча почесен круг, по што следуваа стоечки овации од публиката на трибините, која жестоко го поддржуваше како аутсајдер.
Мерегорд, пак, напомена дека „имал чувство оти може да го победи“. И, беше во право.
– Речиси никогаш не земав сет против Ванг, па беше лудо тоа да се очекува токму на Игрите, изјави Швеѓанецот, кој за прв пат е во осминафинале на ОИ.
Како и да е, Ванг загуби, што е најшокантниот исход досега на натпреварување во Париз. Но, Кина беше и останува првата велесила на пинг-понг. Пред Париз, тие освоија дури 32 од 37-те златни медали откако пинг-понгот стана олимписки спорт во 1988 година во Сеул.