Фудбалерот на Аргентина, Анхел Ди Марија (36) се откажа од трансфер во Розарио откако доби смртни закани. Ди Марија неодамна се прости од репрезентацијата откако со неа по втор пат триумфира на Копа Америка. Тој изјави дека сака да ја заврши кариерата во родниот град по заминувањето од португалската Бенфика.
Сепак, тој се откажал од враќањето во Розарио поради смртните закани што ги добило неговото семејство. Првите закани ги добил пред неколку месеци, а потоа неговата сестра на работа добила кутија во која имало свинска глава со куршум во челото!
– Во кутијата имаше и порака дека следната глава во кутијата ќе биде на мојата ќерка Пиа. Тие месеци беа страшни, можевме само да седиме и да плачеме, откри Ди Марија.
Аргентинските власти заканите што ги добил Ди Марија ги објаснуваат како обид за демонстрација на моќ од криминалните организации во Розарио, каде што има зголемување на насилството поврзано со дрога и меѓу бандите.
Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид и на Манчестер јунајтед сега е слободен играч откако ја напушти Бенфика и пропадна трансферот во Розарио.
Ди Марија кариерата ја почна во Росарио, потоа играше за Бенфика, Реал, Јунајтед, ПСЖ и Јувентус, а од јули 2023 година повторно играше за Бенфика.
Во дресот на Аргентина забележа 145 настапи и постигна 31 гол, освојувајќи ја светската титула во 2022 година, две на Копа Америка, во 2021 и 2024 година и олимписко злато во 2008 година.