Вечерва, со почеток во 19.30 часот, свечено ќе бидат отворени Олимписките игри (ИО) во Париз. Церемонијата ќе се состои од речиси четири часа забава, танцување, игри со холограми, слики од француската култура и спектакуларни изведби.
Музичката програма треба да биде крунисана со дует меѓу Селин Дион и Лејди Гага, а ќе настапи и Аја Накамура.
Спортистите ќе се качат од мостот Аустерлиц (Pont d’Austerlitz) и ќе патуваат со чамци по реката Сена пред 380.000 гледачи! За оваа церемонија потребни се трипати повеќе телевизиски камери од претходно за покривање на церемонијата на отворање на ОИ.
Целиот проект, предводен од режисерот Томас Жоли, разработуван е во речиси „морбидна тајност“, пишува „Марка“ (Marca). Спроведени се мерки како: мобилни телефони во најлонски кеси, локации на проби кои биле познати само неколку часа претходно и кои требало да бидат камуфлирани за да доведат во забуна.
Биле создавани и лажни трагови, а во договорот е вградена клаузула за доверливост од 10 години за луѓето вклучени во проектот. Прекршувањето и откривањето детали ќе резултира со парични казни.
Познато е дека почетното време е избрано за да и’ се даде значење на приказната за историјата на Франција на универзален јазик преку 12 чина. Зајдисонцето и црвеникавиот сјај се очекува да бидат дел од изведбата, а самракот ќе и даде на церемонијата „поетски пејзаж“, според претседателот на Игрите, Тони Естанже.
Проблем може да настане поради фактот што на Париз денеска му се заканува облачно попладне. Ајфеловата кула треба да има многу важна улога во церемонијата, а во работата учествуваа историчари, театарски режисери, кореографи…