Мбапе маркетиншки е посилен од Меси и од Роналдо!

Тешко е да се каже дали Килијан Мбапе е пред Лионел Меси и Кристијано Роналдо во битката за почесната титула „најдобар играч на светот“.

Но, пред неговата очекувана преселба во Реал Мадрид, Мбапе веќе има предност пред повеќекратните добитници на „Златната топка“ кога станува збор за заштитата на интелектуалната сопственост.

Како знак на неговата огромна комерцијална моќ, напаѓачот на ПСЖ веќе поседува седум „заштитени марки“ во Европската унија (ЕУ), вклучувајќи ја неговата поза при славењето гол со вкрстени раце, како и името и логото на компанијата.

Според канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ, Меси и Роналдо имаат по шест регистрирани трговски марки.

Мбапе има регистрирано и два од неговите познати цитати, „Фудбалот се промени“ и „Немој да ми зборуваш за возраста“ за производи вклучувајќи електронски игри, мобилни апликации, постери, чанти, обувки, козметика или накит.

Заштитениот знак на ЕУ дава ексклузивни права во сите земји на ЕУ, пазар од речиси 500 милиони потрошувачи. Исто така, ги штити сопствениците од фалсификување и од измами.

Мбапе поднел уште две апликации во февруари. Тој е на врвот на листата на заштитени знаци на ЕУ во сопственост на фудбалери.

Цитатот на Мбапе „Фудбалот се промени“ стана вирален на социјалните мрежи пред две години. Французинот тоа го изговори за време на прес-конференција, откако беше прашан за авторските права на фотографиите и за спортското спонзорство, по неговото одбивање да учествува на маркетиншки настан со француската репрезентација.

Кога станува збор за клубовите, „крал на Европа“ во овој сегмент е Реал Мадрид, соопшти канцеларијата на ЕУ.

Шпанскиот гигант поседува 33 ЕУ трговски марки и 24 дизајни, меѓу нив и обликот на седиштата на клупите за резервни играчи на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.

Главниот конкурент на Реал, Барселона, поседува 22 ЕУ трговски марки и седум дизајни. Баерн Минхен, ПСЖ и Манчестер јунајтед ја комплетираат најдобрата европска петорка во оваа конкуренција.

– Меѓу заштитените знаци на ПСЖ, е и звучниот слоган „Ова е Париз,“ кој беше снимен директно од скандирањата на нивните навивачи, соопшти канцеларијата на ЕУ, додавајќи дека сите големи лиги во Европа поседуваат неколку ЕУ трговски марки и дизајни за заштита на нивните логоа, имиња и обликот на трофеите.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО