Мбапе го израмни рекордот на Кристијано Роналдо

Килијан Мбапе продолжува да руши рекорди во дресот на Реал Мадрид. Францускиот напаѓач синоќа постигна гол против Валенсија и со тоа ја продолжи својата неверојатна серија – осум последователни натпревари во кои се запиша во листата на стрелците.

Со овој успех, Мбапе го израмни рекордот кој пред неколку години го постави легендарниот Кристијано Роналдо, кој исто така имаше осум меча по ред со гол во времето кога настапуваше за „кралскиот клуб“.

Во тие осум натпревари, Мбапе постигна вкупно 12 погодоци и повторно го потврди својот статус на еден од најдобрите напаѓачи во светот. Неговата ефикасност и постојаност ја воодушевуваат публиката на „Сантијаго Бернабеу“, а шпанските медиуми веќе пишуваат дека Французинот е на добар пат да постави нов клупски рекорд.

-Мбапе го носи Реал Мадрид на своите плеќи и секојпат кога е на терен, делува како вистински лидер. Неговата желба и завршница потсетуваат на најдобрите денови на Роналдо, коментираше шпанскиот „Марка“.

Францускиот ас во последните недели се наоѓа во извонредна форма и, ако ја продолжи серијата, може не само да го надмине рекордот на Роналдо, туку и да влезе во историјата на Реал Мадрид како еден од најдоминантните стрелци во последната деценија.

Навивачите на „белите“ со нетрпение го очекуваат следниот натпревар, надевајќи се дека токму Мбапе ќе биде човекот кој ќе ја продолжи и надмине оваа историска серија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО