На денешен ден пред 66 години се случи еден од најтрагичните настани во историјата на фудбалот. На 6 февруари 1958 година, англискиот гигант Манчестер јунајтед доживеа голема трагедија.
На враќањето од Белград, од натпреварот против Црвена звезда во тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ) авионот во кој беа фудбалерите на Јунајтед се урна во Минхен.
„Бебињата на Безби“ “, како што беше прекарот на брилјантниот млад тим на Јунајтед, според нивниот менаџер Мат Безби, претходниот ден ја победија Црвена ѕвезда со вкупни 5:4 и се пласираа во полуфиналето.
Осуммина играчи на Јунајтед, од 23-та, ги загубија животите. Тоа беа репрезентативците на Англија, Роџер Брн, Томи Тејлор и Дејвид Пег, заедно со Еди Колман, Марк Џонс, Џеф Бент и Лијам Вилан. Данкан Едвардс, веќе англиска легенда на само 21-годишна возраст, почина подоцна во германска болница.
Дел од тој тим беше и славниот Боби Чарлтон, еден од најдобрите фудбалери на Јунајтед и на Англија на сите времиња. Тој ја преживеа несреќата во Минхен, а почина лани во октомври, на 86-годишна возраст.
Во несреќата загинаа и тренерот на Јунајтед, Берт Вели, тренерот Том Кари и секретарот на клубот, Волтер Крикмер, како и осуммина новинари меѓу кои и поранешниот голман на Манчестер сити и на Англија, Френк Свифт.
И покрај катастрофата, Јунајтед успеа да го одигра натпреварот од петтото коло во ФА купот против Шефилд венсдеј на „Олд Трафорд“, две недели подоцна, на 19 февруари.
Јунајтед стигна и до финалето на ФА купот, а сер Мет Безби, кој беше сериозно повреден во несреќата, се опорави и ги обнови „црвените ѓаволи“ во тим што подоцна стана првак на Англија (двапати), го освои ФА купот и триумфира во КЕШ во 1968-та.