Сопствениците на Манчестер јунајтед се надеваат дека до крајот на 2024 година ќе биде одлучено дали ќе се потрошат повеќе од две милијарди фунти за нов стадион со 100.000 седишта.
Ко-сопственикот на Јунајтед, Џим Ретклиф сака да изгради „Вембли на северот“ и заедно со Советот на Трафорд состави работна група за да ја процени изводливоста околу изградбатра на нов стадион или обнова на стариот „Олд Трафорд“.
Работната група е предводена од лордот Себастијан Коу и ги вклучува градоначалникот на „Големиот Манчестер“, Енди Барнам и поранешниот капитен на „црвените ѓаволи“, Гери Невил.
Извори од клубот потврдија дека работната група веќе се состанала четири пати, при што дискусијата главно се фокусирала на градба на нов стадион, место реновирање на постоечкиот стадион.
Тоа би чинело околу 1,2 милијарди фунти и би било потребно подолго време за да се заврши. Нагласено е дека не е донесена никаква одлука.
Според договорот на Ретклиф од 1,25 милијарди фунти за неговите 27,7 отсто од акциите во клубот, околу 237 милиони фунти се предвидени за идна инвестиција во клупскиот стадион. Неговата групација „Инеос“ ги презеде фудбалските операции од мнозинските сопственици, семејството Глејзер.
Компликациите при реновирањето на „Олд Трафорд“ кој е со капацитет од 74.310 места, „домот“ на Манчестер јунајтед од 1910 година, ја вклучуваат железничката линија на задниот дел од трибината „сер Боби Чарлтон“ и значителното намалување на капацитетот за време на градежните работи, што би предизвикало непријатности за навивачите и голема парична загуба.
За разлика од Тотенхем, кој играше на Вембли, до комплетирање на нивниот стадион вреден 1,2 милијарди фунти, Јунајтед нема слична алтернатива.
Ретклиф сака локалната и националната Влада да игра одредена улога во финансирањето на целокупниот проект, што, реално, веројатно би било околу транспортните врски. Како точно би се финансирал новиот стадион е една од темите кои се’ уште се дискутираат.