Македонски спортисти кои ја одбележаа 2025 година

Македонскиот спорт и оваа година ги одбележа речиси стандардните резултати на меѓународен план, иако може да ги потенцираме резултатите и успесите кои ги постигнаа дел од екипите во екипните спортови.

Тука пред се се однесува на ракометот. Ракометниот клуб Алкалоид успесите од 2024 година во ЕХФ Европскиот куп ги комплетираа со освојувањето на пехарот во ова европско натпреварување, иако нивниот ривал во финалето АЕК не се појави на теренот на реваншот во Скопје. Противникот се загреваше во СЦ „Борис Трајковски“, но не излезе на мегдан. Резултатот на Алкалоид и освоениот пехар ги придвижи и другите екипи, па за одбележување од тековната сезона се резултатите на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, на Вардар во Лига Европа, како и на Охрид во Европскиот куп. Секако овие четири екипи ја водат и борбата за титулата во домашната лига.

Успешен настап на меѓународен план имаа и шахистите на Алкалоид, кои Европскиот клупски куп го завршија како вицешампиони што го продолжија континуитетот на успешни настапи во ова натпреварување и постојан пласман при врвот.

Како дел од успешната епизода која продолжува и во новата година е настапот на тетовска Шкендија во УЕФА Конференциската лига и пласманот во нокаут фазата.

Кај спортистите во поединечна конкуренција за одбележување е резултатот на Стефан Михајловски и освоеното второто место на Светското првенство во кикбокс во Абу Даби.

По подолго време и македонскиот бокс донесе медал од Европско првенство Ален Рустемовски го освои второто место на шампионатот У23 во Ереван, Ерменија.

Вреден резултат постигна и атлетичарот Андреас Трајковски, кој го освои осмото место на ЕП во сала во Апелдрон, Холандија и притоа беше еден од лидерите на нашиот национален тим на балканските првенства.

Борачот во слободен стил Владимир Егоров на СП во Загреб настапот го заврши на петтото место.

Капитенот на фудбалската репрезентација Енис Барди ја предводеше репрезентацијата која имаше серија од 14 натпревари без пораз.

Кај дамите се одбележување е настапот на Катерина Попева во бодибилдинг, која стана светска шампионка во Санта Сусана, Шпанија.

Катерина Ацевска во џиуџицу освои бронзен медал на СП во Бангкок, Тајланд, додека Ангела Мојсовска во карате, Европското го заврши како седмопласирана, а исто седмо место освои и Сашка Колевска во спортски танци на СП во Бремен, Германија.

Лина Ѓорческа најдобрата македонска тенисерка со серијата добри резултати пред се во втората половина од годината избори нов настап на Австралија Опен на почетокот на новата календарска година.

Александра Марковска како членка на ЖФК Љуботен ги освои двете титули во домашните натпреварувања: првенство и куп, а учествуваше и во квалификациите на УЕФА Лигата на шампионите. Воедно е и дел на А репрезентацијата.

Кај младите спортисти бронзени медали на Европски првенства освоија боксерот Адријан Рустемовски и Лука Змејковски во кикбокс. Младиот голман на Алкалоид, Иван Галевски имаше забележителни настапи како во клубот и освоениот ЕХФ Европски куп, така и со македонската сениорска репрезентација. Бесир Алили европскиот шампионат до 23 години го заврши на петтото место, а Никола Блажевски (спортско стрелаштво) со резултатот од 609 кругови – воздушна пушка 10 метри е веќе рангиран како спортист од меѓународна категорија.

Забележителни резултати има и во категоријата на млади спортистки. Даниела Алексовска во бразилска џиу џицу освои два медала по еден на Светско и еден на Европско првенство. Злато на ЕП во мешани боречки вештини во Белград и бронза на Светско во истата дисциплина во Тбилиси. Душица Бреслиева се закити со бронза на ЕП за кадети и јуниори во Полска, а Марија Димовска беше третопласирана на ЕП во кикбокс (лоу кик).

Националните македонски селекции имаа забележителни резултати. Фудбалската репрезентација имаше серија од 14 натпревари без пораз (која стартуваше и претходната година), а како резултат на тоа е изборен нов настап во бараж за Светско првенство.

Ракометниот национален тим повторно беше учесник на големо натпреварување на Светско првенство освоено 15.место и обезбеден пласман на ЕП 2026 преку квалификации. Одбојкарската репрезентација Европската златна лига ја заврши на 9.место, а обезбеди и пласман на Европското 2026.

Успешен настап во Дејвис Купот имаа и македонските тенисери, кои преку мечевите во групата обезбедија пласман во Втората Светска зона од ова натпреварување за 2026 година.

Кај спортистите со инвалидитет пливачот Андреј Стојаноски на Олимписките игри за глуви и наглуви лица во Токио го освои шестото место на 400 метри мешано, додека Оливера Наковска Бикова (спортско стрелаштво) го освои четвртото место на ЕП во Осиек во дисциплината 25м. Пиштол. Петтот место освоија Зоран Костадиновски на Шаховска Олимпијада за сите инвалидизирани лица, како и Жарко Селковски на Шаховска олимпијада за слепи и визуелно хендикепирани лица.

Секако сите овие резултати се изборени со макотрпна работа и под будно око на тренерите, па ќе ги споменеме имињата на Кирил Лазаров како тренер на РК Алкалоид и селектор на машкиот национален тим, потоа Дејан Митровски (кикбокс) под чие водство македонските претставници на СП во Абу Даби освоија еден сребрен и два бронзени медала. Методија Ангелски тренер на пливачите учесници Олимписки игри за глуви и наглуви лица, како и Могамед Ибрагимов (борење слободен стил) при настапот на македонските борачи на Европското во Загреб.

Се надеваме дека македонските спортисти, спортистки, екипи, репрезентации достојно ќе ги бранат боите на своите екипи и достоинствено ќе го презентираат македонскиот спорт на меѓународен план во новата 2026 година.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО