Лукман одби, ама Грилиш веднаш прифати

Антонио Конте донесе одлука – нема да се врати во Торино, туку останува во Наполи. За возврат, управата на актуелниот шампион на Италија максимално се труди да му ги исполни сите барања во летниот трансфер период.

„Наполитанците“ веќе ги обезбедија потписите на неколку квалитетни играчи, меѓу кои се Де Бруине, Ланг, Лука и Беукема. Но, претседателот Аурелио Де Лаурентис не застанува тука. Конте сака да донесе уште еден офанзивец по крилна позиција, но засега не му оди според планот.

Главната желба – Адебола Лукман од Аталанта – ја одби понудата од Наполи, и покрај тоа што клубот понуди подобри услови од ривалите. Причината? Лукман веќе се договорил со Интер и не сака да ја смени својата одлука, па интересот од Неапол го отфрли без двоумење.

Сепак, Наполи веднаш се префрли на нова цел. Овој пат фокусот е на Џек Грилиш од Манчестер Сити. Пеп Гвардиола јавно кажа дека не го гледа Грилиш како дел од својата визија за следната сезона, а токму тоа сакаат да го искористат Италијанците. Преговорите се во тек – Англичанецот не би имал ништо против да му се приклучи на Де Бруине во Наполи. Засега не е познато дали Наполи ќе се обиде да го донесе преку траен трансфер или ќе предложи позајмица.

Она што е јасно – со сите овие засилувања и под водство на Конте, Наполи се подготвува да биде доминантна сила и следната сезона во Серија А.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО