Лука Карабатиќ со емотивна објава по повлекувањето на братот Никола

Никола Карабатиќ (40) неодамна и стави крај на богатата и успешна кариера. Најтрофејниот, според многумина и најдобриот ракометар на сите времиња, го одигра последниот меч на Олимписките игри (ОИ) во Париз, каде што Франција беше поразена во четвртфиналето од Германија, со 34:35, по продолженијата.

Поразот на Франција за Карабатиќ беше последниот натпревар во репрезентативната кариера.

– Готово е, никогаш повеќе нема да доживеам ваква атмосфера. Но, со задоволство ја завршувам кариерата, ќе продолжам да навивам за овој талентиран француски тим.

Ги остварив моите соништа, горд сум на сите титули и медали што ги освоивме, изјави разочараниот Карабатиќ по шокантната завршница на мечот со Германија.

Со француската репрезентација, Карабатиќ освои три олимписки злата (2008, 2012 и 2020 година), четири светски злата (2009, 2011, 2015 и 2017 година) и четири европски злата (2006, 2010, 2014 и 2024 година).

Во клупската кариера, исто така, многупати победуваше, а се издвојуваат трите титули во ЛШ. Трипати беше избран за најдобар играч на светот (во 2007, 2014 и 2016-та).


По неколку недели од последниот натпревар, неговиот брат Лука на Инстаграм објави емотивна порака: „Брату мој, не е лесно да се најдат зборови. Толку многу има да се каже, толку многу работи и искуства искусивме заедно. И како што ти често ми велеше, не сум најдобар во покажување на чувствата и на отворањето на срцето.

БЛАГОДАРАМ! Ти благодарам што како постар го трасираше патот. Ти благодарам што го одбра ракометот и што ме зеде со себе. Ти благодарам што никогаш не ме остави по страна кога бевме мали.

Ти благодарам за ненадејните искуства, за ударите со нога кои требаше да запрат на два сантиметри од моето око, но не запираа, за борбата под јорганот, давењето и гушењето, фрлањето песок на плажата што завршуваше во моите очи и итните случаи.

Ти благодарам што ми покажа дека е важно да си добар во училиште. Ти благодарам што веруваше во мене кога одев на тенис, а уште повеќе кога му се вратив на ракометот.

Ти благодарам што ми всади чувство за семејство, што секогаш негуваше братска врска. Ти благодарам за дарежливоста и за чувството за споделување.

Ти благодарам што ме натера да сонувам, што ми покажа дека е можно, што направи да сонуваат милиони луѓе, што инспирираше илјадници мали ракометари, што го запиша нашето име во пантеонот на францускиот спорт.

Ти благодарам што игравме пинг-понг, тенис и хокеј, игравме ризик, и за фрлањето на коцкичките во глава, и за многу други игри.

Ти благодарам за твоето присуство, за искуствата, издржливоста, смеата и кикотењето со пријателите и соиграчите. Ти благодарам што ја постави границата високо, како што рече тато.

Го заслужи одморот како витински воин. Уживај во Џералдина, Алек и Нона. Тие можат да бидат горди што имаат татко како тебе. Сега на мама ќе и биде помалку стресно кога ќе ги гледа натпреварите.

Што се однесува до мене, го загубив брат ми на теренот, но животот е многу повеќе од тоа, не’ очекуваат уште многу убави работи, сигурен сум… Твојот брат кој те сака“.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО