Луис Фиго: Инфантино мора веднаш да замине

Легендарниот португалски фудбалер Луис Фиго го повика претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да ја напушти функцијата и во авторска колумна за „Дејли мејл“ упати низа сериозни обвинувања против првиот човек на светската куќа на фудбалот.

Фиго, кој во минатото требаше да биде противник на Инфантино на претседателските избори на ФИФА во 2016 година, но подоцна се откажа, верува дека сегашниот претседател го изгубил кредибилитетот и повеќе не може да ја води организацијата.

Во својата колумна, Португалецот рече дека единственото решение е заминувањето на Инфантино од водечката позиција.

„Можев да напишам 10.000 зборови за проблемите во ФИФА. Но, решението може да се сумира само во пет: Инфантино мора да си оди“, напиша Фиго.

Поранешниот ас на Реал Мадрид и Барселона истакна дека, како што вели, најновите случувања во ФИФА особено го разочарале.

„Целиот мој живот го сакам фудбалот. Бев професионален играч 20 години. И верувајте ми, во текот на мојата кариера запознав многу сомнителни луѓе“, пишува Фиго.

Тој додаде дека верува оти одредени потези на сегашното раководство на ФИФА се насочени кон лични интереси.

„Но, она што се појави во последните десет дена претставува најниско, најподмолно и најкукавичко однесување од себичен интерес што некогаш сум го видел“.

Фиго беше особено критичен кон идеите поврзани со промените во деловниот модел на ФИФА, тврдејќи дека не сите детали и потенцијални ризици биле презентирани на јавноста.

„Ако таа идеја беше толку добра, зошто не им ја презентиравте на членовите кога сите беа на едно место, во пресрет на финалето на Светското првенство? Ако планот беше толку солиден, зошто не им ги објаснивте ризиците на членовите, а не само она што го презентирате како придобивка?“, праша Фиго, а потоа додаде:

„Ако целиот план беше толку очигледно добар, зошто не кажавте директно дека на крајот ќе ви донесе работа од 30 милиони долари годишно? Ништо од тоа не беше направено. Бидејќи не е добра идеја.“

Поранешниот освојувач на Златната топка смета дека ФИФА треба да користи сопствени средства за развој на фудбалот, наместо да бара приватни инвеститори.

„На фудбалот навистина му е потребна сериозна дискусија за парите. Но, не за парите што би можеле да го напуштат фудбалот и да завршат во џебовите на инвеститорите или на сметките на преплатените службеници“, напиша Фиго.

Како што изјави, ФИФА веќе има огромни резерви што би можеле да се искористат за развој на спортот.

„Зборувам за парите што треба да се инвестираат во изградба на терени и обука на тренери, за секое дете во светот да добие шанса да се заљуби во најубавиот спорт на планетата. За почеток, зборувам за петте милијарди долари што ФИФА ги има во резерви“, истакна Португалецот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО