Борусија Дортмунд го елиминира Атлетико Мадрид и се пласира во полуфиналето од Лигата на шампиони (ЛШ). Тоа значи дека германскиот тим за прв пат по 11 години е меѓу четирите најдобри тима во најквалитетното клупско фудбалско натпреварување во Европа, и во светот.
Последен пат тимот од Дортмунд играше во полуфиналето на ЛШ во сезоната 2012/2013 кога на тренерската клупа беше Јирген Клоп. Противник тогаш им беше Реал Мадрид, кого Борусија го елиминира, победувајќи го во првиот меч со 4:1, иако во реваншот загуби со 0:2. Избраниците на Клоп потоа, во финалето, загубија од Баерн со 1:2.
Серијата без пораз на Борусија Дортмунд на домашен терен во ЛШ дојде до бројката од 10 меча, шест победи и четири ремија. Ова е рекордна серија во клупската историја во ова натпреварување, објави статистичкиот портал „Опта спорт“.
Во полуфиналето Борусија ќе игра против ПСЖ. Првиот натпревар е на 30 април во Дортмунд.