Ливерпул, лидерот во Премиер лигата, ослабен на дербито против Арсенал!

Ливерпул би можел да биде ослабен на дерби мечот, на гости против Арсенал во недела. Под знак прашалник е настапот на напаѓачот, Уругваецот Дарвин Нуњез кој се пожали на повреда на стопалото по мечот против Челси (4:1) во средата.

– Тој имаше болки. Нема скршеница, тоа се гледа на рендген снимката, но има оток. Тоа значи дека ќе треба да почекаме да видиме дали ќе спадне и дали ќе може да ги облече копачките, изјави манаџерот Јирген Клоп.

Нуњез на мечот против Челси постави нов рекорд во Премиер лигата, четирипати погодувајќи ја рамката на голот! Но сепак сезонава тој е еден од клучните играчи на „црвените“ со постигнатите 11 гола и 11-те асистенции во сите натпреварувања.

Покрај Нуњез, во одлична форма е и Португалецот Диого Жота, кој даде четири гола на последните четири натпревари, вкупно 13 сезонава.

– Тој е комплетен играч. Може да игра на трите позиции во нападот, што е многу битно кога го немаме Мохамед Салах. Така е со напаѓачите кога им оди добро. Сурфаш на бранот, тој тоа го прави, рече Клоп.

Ливерпул е лидер на табелата со пет бода повеќе од Арсенал и од Манчестер сити, кои имаат натпревар помалку. Клоп е повеќе загрижен од заканата од Сити, кои имаат за цел да ја освојат четвртата титула по ред.

– Она што го научивме со текот на годините е тоа дека ако сакате да бидете блиску до Сити, треба да ги добивате сите ваши натпревари. Ова е време кога Сити доминира, играат неверојатно. Можеби не ја играат најдобрата сезона, но погледнете каде се. И ние имаме добра сезона, ќе биде интересно до крајот, додаде Клоп.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО