Одличен натпревар одиграа Лајпциг и Астон вила синоќа во шестото коло од Лигата на шампиони (ЛШ) што заврши со победа на гостите од Англија со 3:2.
Вила трипати водеше , а головите ги постигнаа Џејмс Мекгин, Џон Дуран и Рос Баркли. Головите за Лајпциг ги дадоа Лоис Опенда и Кристоф Баумгартнер.
Германскиот тим по шесте кола нема ниту еден бод, претрпе шест порази, со гол разлика 6:13. Лајпциг е на дното на табелата, а со него се и Слован од Братислава и швајцарскиот Јанг Бојс од Берн, кои исто така се без ниту еден освоен бод. Но, тие имаат шанса да освојат бод(ови) денеска и да се надеваат на натамошен пласман.
Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас (25) поради повреда повторно го немаше во тимот на Лајпциг. Како што пишуваат германските медиуми Лајпциг има намера да го продаде во зимскиот преоден рок и за него ќе бара 15 милиони евра.
Тој во јануари годинава дојде од Наполи за 24 милиони евра, но не се наигра во германскиот тим, настапи на 22 меча и забележа само една асистенција.
Во поредокот по некомплетното шесто коло, води Ливерпул со максимални 18 бодови, а Баер Леверкузен, Астон вила, Интер и Брест имаат по 13 бода.
Осумте најдобро пласирани во ЛШ директно ќе се пласираат во осминафиналето, а тимовите од осмото до 24-то место ќе разигруваат за пласман во нокаут фазата. Најлошите 12, тие од 24-то до 36-то место испаѓаат од ЛШ.