Куп на Африка: Елиминиран бранителот на титулата Сенегал

Домаќинот на Купот на Африка во фудбал, Брегот на Слоновата Коска (БСК) се пласираше во четвртфиналето елиминирајќи го големиот фаворит, бранителот на титулата Сенегал, на пенали (5:4), откако во регуларниот дел мечот заврши без победник, 1:1.

Сенегал поведе уште во четвртата минута со голот на Хабиб Диало, по асистенцијата на Садио Мане. Домаќинот израмни во финишот, во 86 минута, со голот од пенал на Франк Кеси.

Во продолжението немаше голови, па се мина на изведувањето пенали. Муса Нихате беше единствениот Сенегалец кој не постигна гол, додека сите играчи од Брегот на Слоновата Коска беа прецизни од белата точка.

Противник на БСК во четвртфиналето ќе биде подобриот од денешниот меч Мали – Буркина Фасо.

Поразот на Сенегал значи дека ниту еден актуелен шампион не успеал да ја мине првата нокаут рунда на Купот на Африка откако Египет ја освои третата последователна титула во 2010 година.

Пласман меѓу најдобрите осум, по втор пат во историјата, обезбедија и Зеленортските Острови кои минимално ја совладаа Мавританија, 1:0. Нивни следен ривал ќе биде подобриот од дуелот Мароко – Јужна Африка (играат вечерва).

Зеленортските Острови на претходните изданија на Купот на Африка не забележале повеќе од една победа на еден турнир, а годинава веќе постигнаа три.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО