Најдобрата светска скијачка, Американката Микаела Шифрин, која се повреди по падот на велеслаломот во Килингтон кон крајот на ноември, рече дека не е сигурна дали ќе се врати на патеките зимава.
„Доколку се’ беше совршено и доколку хематомот заздравеше како што треба, ќе бев прилично сигурна дека ќе ја продолжам сезоната. Но, сега се’ зависи од тоа како ќе се одвива опоравувањето во следните недели и месеци“, изјави Шифрин (29).
Таа беше на неколку секунди до 100-та победа во Светскиот куп (СК) во Килингтон, но падна во второто возење. Најпрвин се чинеше дека не е многу сериозно, но се покажа дека повредата на мускулот и длабоката рана во стомакот не се воопшто наивни.
Минатата недела на Инстаграм таа објави видео од болничкиот кревет, објаснувајќи дека била оперирана и оти „малата празнина била подлабока од раната, која била исполнета со стар хематом, кој не бил правилно исцеден“.
За време на падот, сè уште неидентификуван предмет и ги прободел косите стомачни мускули. Во изјавата за медиумите таа рече дека имала среќа што посериозно не се повредила бидејќи убодот бил блиску до дебелото црево.
„Вакви повреди има во хокејот, помалку во скијањето. Ќе почекаме неколку недели за да видиме што ќе се случи, а потоа ќе имаме појасна визија за тоа што е следно“, рече Шифрин.