Шпанецот, Карлос Алкараз елиминиран е во второто коло на САД опен. Холанѓанецот, Ботик ван де Зандшулп со максималнни 3:0 го победи еден од најдобрите светски тенисери во светот.
Сега едно од клучните прашања што многумина си го поставуваат е кој е всушнот Холанѓанецот кој направи големо изненадување во Њујорк. Победата над третиот тенисер во светот секако е најголема во кариерата на 28-годишниот Холанѓанец.
– Малку сум изгубен, немам вистински зборови. Беше тоа неверојатна вечер, прва ноќна сесија за мене на стадионот „Артур Еш“. Публиката беше неверојатна.
Играв најдобро што можам и уште од првиот момент верував дека имам шанса. Ете можевте да видите како тоа понекогаш се остварува, се обидуваше Ботик да ги сумира впечатоците.
Освен него малкумина очекуваа дека 74. играч на светот ќе го запре Алкараз во Њујорк. Сезонава Холанѓанецот не врза две последователни победи на АТП турнирите, а најголемите успеси ги имаше на челенџерите.
Ботик имаше тешка година зад себе, му требаше долго време да се врати по повредата на стапалото.
– Минатата година имав многу посериозни повреди од годинава. Ја повредив левата нога во април. Потоа го извртев глуждот. Со мака ги облекував патиките. Кога конечно се опоравив, го свиткав глуждот и скинав лигамент. На истата нога, вели Ботик.
Сепак, резултатот дојде кога беше најпотребно и Холанѓанецот на најголемата сцена го совлада еден од најдобрите тенисери во светот. Интересно е што првпат беше во САД во 2021 година, кога како квалификант стигна до четвртфиналето, најдобар резултат на грен слем турнирите во кариерата.
Не е чудно што како омилена ја посочува тврдата подлога. а најдраг му е форхенд ударот.
Најдобар пласман на АТП листата му беше 22. место до кое стигна во текот на 2022-та. Засега нема ниту една турнирска победа во кариерата, двапати загуби во финалето во Минхен, двата пати од Холгер Руне.
Од победите над тенисерите од „топ 10“, покрај убедливо најголемата против Алкараз, тој има триумфирано против Андреј Рубљев, Феликс Оже Алијас, Каспер Руд, Камерон Нори и Тејлор Фриц. Од сите тие дуели сигурно ќе го памети овој со Алкараз.„ Тоа беше неверојатна вечер за мене“.
Со Новак Ѓоковиќ има играно еднаш во кариерата, во Астана кога освои само четири гема.