Давид Де Хеа во овој преоден рок најавува дека ќе му се врати на фудбалот по едногодишната пауза што ја направи минатата година откако Манчестер јунајтед не му го продолжи договорот.
Но, засега тоа е под знак прашалник бидејќи постави високи барања до заинтересираните клубови, поради што некои се откажаа од неговиот ангажман.
Де Хеа мина 12 години во Јунајтед, каде пристигна на 21 година од Атлетико Мадрид. Ја освои Премиер лигата (во 2012/13), ФА купот (2015/16) и Лига Европа (2016/17), вкупно осум трофеи со гигантот од „Олд Трафорд“. Два пати беше прогласуван за најдобар голман во Премиер лигата (во 2018 и 2023 година).
Според Трансфермаркт, пазарната вредност на Де Хеа денеска изнесува пет милиони евра. Еден од најдобрите голмани на генерацијата и еден од најдобрите во историјата на Премиер лигата на врвот на кариерата вредеше 70 милиони евра.
За Јунајтед одигра 545 натпревари. Прими 590 гола, а на 190 меча неговата мрежа остана незатресена.
Медиумите пренесуваат дека Де Хеа има неколку понуди и дека го бараат клубови од Англија, Турција, па се’ до Саудиска Арабија.
Се пишуваше дека преговарал со некои шпански и италијански клубови, но и дека Џенова и Фиорентина заклучиле дека тој е прескап за нив. По една година пауза, Де Хеа бара пет милиони евра по сезона. Ова е сумата што би можел да ја добие во Саудиска Арабија, поконкретно во Ал Наср, кој наводно сериозно е заинтересиран за него.