Капитенот на фудбалската репрезентација на Англија, Хари Кејн изјави дека неговата репрезентација пропуштила голема можност да го освои Европското првенство (ЕП) и дека поразот во финалето од Шпанија ќе боли уште долго.
– Пропуштена е голема шанса. Не е лесно да се влезе во финалето и мора да ја искористите шансата кога ќе ви се укаже. Но ние повторно не успеавме да го направиме тоа. Исклучително e болно и ќе боли долго време.
Тешко е да се каже како се чувствуваме. Беше тежок натпревар, ние резултатски се вративме во натпреварот и потоа се мачевме да го искористиме тоа. Тешко е да се прифати дека примивме гол на крајот, изјави Кејн.