Познатиот уругвајски напаѓач, Единсон Кавани, кој настапува за Бока јуниорс во Аргентина, објави дека се повлекува од меѓународниот фудбал.
Победникот на Копа Америка од 2011 година, 37-годишниот Кавани, е вториот играч со најмногу настапи за Уругвај (136) и втор стрелец (58) зад Луис Суарез. Тој дебитираше на пријателскиот меч со Колумбија во февруари 2008 година.
„Тоа беа несомнено многу драгоцени години, би имал илјада работи да кажам, раскажам и да запомнам, но сега сакам да се посветам на новата фаза од мојата кариера и да дадам се’ од себе таму каде што треба да бидам“, напиша Кавани на Инстаграм.
На клупско ниво, Кавани освои шест титули во Лига 1 и пет купа на Франција, со ПСЖ меѓу 2014 и 2020 година. Тој постигна 200 гола во сите натпреварувања за парискиот клуб.
Лани летото тој дојде во Бока, од Валенсија, и по 16 години се врати во Јужна Америка, откако во 2007 година го напушти уругвајскиот Данубио. Потоа играше импресивно во дресот на Палермо, Наполи, ПСЖ и Манчестер јунајтед.
Кавани постигна повеќе од 400 гола во блескавата кариера и беше најдобар стрелец во историјата на ПСЖ, додека Килијан Мбапе не го собори рекордот.