Карим Бензема (36) лани во јули, по 14 години, го напушти Реал Мадрид и стана играч на Ал Итихад од Саудиска Арабија, кој му даде годишна плата од околу 200 милиони евра!
Во првата сезона во саудискиот клуб тој одигра 29 натпревари, постигна 13 и асистираше за осум гола. Неговиот договор е со важност до 2026 година, а во пресрет на новата сезона даде интервју за шпанските медиуми.
Меѓу другото, тој рече дека саудиската лига секоја сезона е се’ подобра, и оти се надева на подобри резултати на неговиот тим, кој е во сезоната 2023/24 заврши на петтото место.
– Реал секогаш е најдобриот тим на светот. Играчите доаѓаат и си одат, но Реал останува на врвот. Најдобар е и ќе го докажува тоа повторно и повторно, проговори Бензема за Реал, тимот за кој одигра 648 натпревари и постигна 354 гола за Мадрид од 2009 до 2023-та.
На прашањето дали жали што си замина од Реал, тој одговори: „Некои доаѓаат, други си заминуваат, тоа секогаш било и секогаш ќе биде. Тоа беше вистинскиот момент.
Реал минатата сезона беше сензационален, играше добар фудбал и ја освои Лигата на шампиони и Ла лига“.
Бензема ја освои „Златната топка“ за 2022 година, а сега се поставува прашањето кој треба да биде прогласен за најдобар играч на светот за 2024 година. „Марка“ пишува дека тој одговорил по неколку секунди размислување.
– Би рекол Винисиус Жуниор затоа што ја заслужи за минатата сезона, но не само поради тоа, туку и поради она што го правеше во претходната сезона. Беше над останатите, тој е комплетен фудбалер.
Може сам да го победи противникот. Секако, со помош на соиграчите, но тој е многу добар кога му е потребен на Реал и затоа ја заслужува „Златната топка“. Секогаш е тука кога е потребно, Вини ми е омилен поради сето тоа“, изјави Бензема, кој, како што тврди, очекувал Килијан Мбапе еден ден да стане играч на Реал.
Винисиус Жуниор (24) во сезоната 2023/2024. одигра 39 натпревари, постигна 24 и асистираше за 11 гола. Со Реал ја освои Лигата на шампиони (ЛШ), Ла лига и Суперкупот на Шпанија. Тој има договор со мадридскиот клуб до 2027 година, а Трансфермартк го проценува на 180 милиони евра.
Според обложувалниците, прв фаворит е Винисиус, пред Родриго (28) и Џуд Белингем (21).
Родри, играчот од средниот ред на Манчестер сити и на шпанската репрезентација го освои Европското првенство (ЕП) и беше прогласен за најдобар играч на турнирот. Со Сити триумфира во Премиер лигата и го освои клупското Светско првенство (СП).
Во првата сезона во Реал, Белингем постигна 23 и намести 13 гола на 42 натпревари. Ја освои ЛШ, Ла лига и Суперкупот на Шпанија, додека со англиската репрезентација стигна до финалето на ЕП во кое загуби од Шпанија.