Никлас Бендтнер беше „лошото момче“ на фудбалот. Данскиот фудбалер имаше кариера полна со контроверзи за кои често зборуваше, а сега во интервју за „Дејли мејл“ открива нови детали.
– Потрошив многу пари. Едно нешто што најмногу ми се допаѓа кај себе е тоа што никогаш не реков дека нема да направам нешто. Но парите брзо исчезнуваат кога ќе потрошите повеќе од 176 илјади евра на кутија за вино.
-Ветераните во автобус постојано зборуваа за вина, па и јас почнав да ги собирам уште на 19 години. Кога ќе се сретневме во понеделник, обично сите несевме вино да пробаме. Во еден момент имав 50.000 шишиња вино, изјави Бендтнер кој играше за Арсенал, Бирмингем, Сандерленд. Јувентус, Волфсбург, Нотингем форест, Розенборг и Копенхаген.
Но не му беше страст само виното, тој трошеше пари и на разни други работи.
– Еднаш платив казна за паркирање поголема од 33.000 евра. Ја добив казната, но никогаш не ја отворив. Не и’ обрнував внимание додека не ми се јавија да кажат дека треба да ја платам или ќе ми дојдат дома и ќе ми земат се’ што имам, истакнува тој.
На крајот на краиштата, сепак признава:
– Посакувам да имав поголема поддршка кога одев по погрешен пат, но на крајот завршив со добар живот, додава тој.
Бендтнер сега има 36 години, возраст на која многу фудбалери се’ уште играат, но тој се пензионираше во 2019 година. Оттогаш бара нови предизвици.
– Последниве три години нуркам и уживам во тоа. Мојот следен предизвик е да се искачам на Монт Еверест. Морам да најдам работи што ќе ме направат среќен. Многу патував по повлекувањето од фудбалот, мразам живот без смисла, истакнува Данецот.