Двократниот победник, Данецот Јонас Вингегард (27) ќе настапи на годинашната велосипедска трка Тур де Франс откако се опорави по сериозните повреди на Трката околу Баскија на почетокот од април кога ја скрши клучната коска и неколку ребра.
– Последните неколку месеци воопшто не беа лесни, но им благодарам на моето семејство и на мојот Висма тим за непоколебливата поддршка, рече Вингегард.
Вингегард на 111-от Тур де Франс што почнува во италијанскиот град Фиренца, на 29 јуни, ќе ја има поддршката од победникот на девет етапи и поранешен освојувач на „зелената маичка“, Вут ван Аерт.
Тој првично требаше да вози на Џиро д’Италија, а потоа во јули да се подготвува за Олимписките игри (ОИ) во Париз, меѓутоа, падот при голема брзина на еднодневната трка во Белгија, ги смени тие планови.
Во нормални околности, Вингегард би се сметал за голем фаворит да ја задржи „жолтата маичка“, која ја освои во 2022 и 2023 година.
Но со оглед на ограничениот број тренинзи и подготовките што ги пропушти, остануваат сомнежите за неговата форма и подготвеност, особено поради присуството на најголемиот ривал, Словенецот Тадеј Погачар, кој убедливо победи на Џиро во мај.
– Тој се враќа по тешката повреда. Во последните неколку недели покажа каков шампион е, психички и физички. Неговите подготовки беа далеку од идеални, но тој е здрав и мотивирани, изјави директорот на Висма тимот, Меријн Земан.