Ѕвездата на Милвоки Бакс, Јанис Антетокумбо, во неодамнешно интервју за грчката телевизија „The 2night Show“ откри дека еден ден би сакал да се врати во родната земја и таму да ја заврши својата кошаркарска кариера.
„Би сакал последните години од кариерата да ги поминам во Грција. Кога ќе имам 36 или 38 години, би сакал повторно да играм дома, пред моите луѓе“, изјави двократниот МВП на НБА.
Антетокумбо истакна дека Грција секогаш ќе биде негов дом и дека размислува за настап во некој од домашните клубови — било тоа да е Олимпијакос, Панатинаикос, Арис или клубот во кој ја започна кариерата, Филатлитикос.
Иако не прецизираше кога би можело тоа да се случи, Јанис порача дека ќе остане во НБА уште неколку сезони, каде што со Бакс повторно цели на шампионската титула.