Итан Хап, 27- годишниот кошаркар, по потекло од Илиноис, САД, висок 2,08 метри, вели дека полека се аклиматизира на новите „услови за работа“ и оти е возбуден пред новиот предизвик, а тоа е играњето за репрезентацијата на Македонија.
– Среќен сум, ова е возбудливо за сите нас, пособно за мене. Чест ми е што ќе играм за Македонија. Презадоволен сум од приемот, сите се гостопримливи, почнувајќи од претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, па до соиграчите.
Убаво ми е, работиме на „хемијата во тимот“, имаме само неколку дена, но се обидуваме максимално да ги искористиме, рече Хап за интернет страницата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Тој е свесен дека пред нашиот национален тим се два исклучително тешки предизвика, мечевите со Естонија и со Полска.
– Естонија има многу талентирана репрезентација. Во минатото тоа не беше кошаркарска земја, но во моментов има добар тим, со неколку квалитетни евролигашки кошаркари, вели Хап.
Македонските кошаркари во моментов се фокусирана на дуелот против Естонија, во салата во СРЦ „Кале“, утре од 19 часот.
– Имаме големи очекувања како тим, но одиме чекор по чекор. Се надевам дека ќе бидеме максимално подготвени за утрешниот тежок меч, истакнува натурализираниот македонски кошаркар.
Македонија е дел од групата Х во овој квалификациски циклус, во која се и репрезентациите на Литванија, Полска и на Естонија.
Три од овие четири селекции ќе обезбедат пласман на Европското првенство (ЕП), со забелешка, дека Полска, како еден од ко-организаторите, директно ќе се пласира во завршницата.