Индијан Велс: Надал се повлече 24 часа пред мечот со Раониќ

Рафаел Надал се повлече од турнирот во Индијан Велс, 24 часа пред утрешниот меч од првото коло со Милош Раониќ.

Надал (37) му се врати на тенисот во јануари во Бризбејн, по речиси едногодишно отсуство поради повредата. Но на турнирот тој го повреди колкот, поради што не настапи на Австралија опен.

Надал одигра егзибициски меч против Карлос Алкараз во неделата во Лас Вегас, по што рече дека се’ уште не е подготвен „да игра на највисоко ниво“.

– Со голема тага морам да се повлечам од овој неверојатен турнир. Сите знаат колку го сакам ова место и колку сакам да играм во Индијан Велс. Тоа е исто така една од причините зошто дојдов тука порано за да тренирам и да се обидам што подобро да се подготвам. Ова не е лесна одлука, всушност тешка е, но не можам да се лажам себеси и да ги лажам илјадниците навивачи, истакна Надал, трикратен победник на Индијан Велс.

Лани во мај, откако беше принуден да го пропушти Отвореното првенство на Франција на Ролан Гарос, за прв пат по 19 години, Надал рече дека 2024-та „веројатно“ ќе биде последната година од неговата кариера.

Минатиот месец, поранешниот светски рекет број 1 изјави дека не е сигурен на колку турнири ќе може да настапи пред да се пензионира, додавајќи дека „нема да бидат многу“.

 

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО