Холандија во полуфинале, заврши турската бајка!

Фудбалерите на Холандија во четврт-финалето на Европското првенство ја совладаа селекцијата на Турција со резултат 2:1 и се пласираа во полуфиналето.

Холанѓаните создадоа шанса уште на отворањето на натпреварот. Во 1. минута Депај се најде во добра позиција во шеснаесетникот, но лошо ја зафати топката.

Истиот играч се обиде и во 7. минута, но топката кон голот беше преслаба и немаше проблем за голманот Гунок.

После тоа немаше повеќе шанси за гол до 29. минута кога Турција се закани од прекин.

Чалханоглу нафрли и го пронајде Бардакчи, кој не упати вистински удар. Сепак, тоа беше добра најава за она што следеше. Седум минути подоцна Ѓулер испрати одличен центаршут до подалечната статива од левата страна до Акајдин кој со глава упати удар за водство на Турците!

Ништо значајно не се случи во првото полувреме, а на паузата беше 1:0.

Првата шанса во вториот дел повторно им припадна на Холанѓаните. Нејтан Аке испрати центаршут од левата страна до Вегхорст кој со глава ја упати топката до подалечната статива.

Таму втрча Депај, но беше краток и не ја пренасочи топката кон голот.

Турција имаше слободен удар од 26 метри од голот на Холандија. Ѓулер шутираше и го бараше голманскиот агол, а со силен удар ја погоди стативата!

Во 65. минута Турција имаше слободен удар од позиција за центаршут, а топката се одби до работ на шеснаесетникот од каде Јилдиз се намести за удар.

Вербруген до последен момент не можеше да ја види топката поради гужвата која се насобра пред него, но успеа да спаси.

Пет минути потоа Холанѓаните постигнаа гол. Најпрвин Вегерст шутираше по центаршутот на Депај, но Гунок одбрани, а Холандија доби корнер.

По кратката комбинација од корнер, Депај повторно нафрли, а Де Вриј погоди со глава.

Видовме одлична игра по израмнувачкиот гол на Холанѓаните, кои тргнаа на уште еден гол и многу брзо стигнаа до него.

Во 76. минута нападот на Холандија се одвиваше преку Дамфрис по десната страна, следеше центаршут, а прв до топката беше Гакпо, кој од 3 метри ја смести топката во голот за пресврт.

Одлична прилика пропуштија Турците во 85. минута, по центаршут од левата страна, прилика имаше Челик, кој шутираше на празен гол, но одбраната на Холанѓаните двапати ги блокираше ударите.

Последната голема шанса за Турција дојде во втората минута од судиското надополнување. Бардакчи нафрли од левата страна, Семих Килицој со глава од седум метри упати удар, но истиот го одбрани голманот на Холандија.

За повеќе од тоа немаше време, а Холандија по големиот пресврт се пласираше во полуфиналето каде ќе се соочи со Англија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО