Симона Халеп, 33-годишната романска тенисерка, некогаш најдобрата светска тенисерка, поради повреда се повлече од Австралија опен, првиот грен слем турнир во 2025-та, што ќе се одржи од 12 до 26 јануари.
Халеп моментално е 877. тенисерка на ВТА ранг листата, а од организаторите на турнирот во Мелбурн доби покана за настап во квалификациите. Романката го откажа доаѓањето во Мелбурн поради повреда на коленото и на рамото претрпени на почетокот од подготовките за новата сезона.
Во октомври 2022 година, Халеп беше суспендирана на четири години поради позитивен допинг тест, но по жалбата, казната и беше намалена на девет месеци откако беше утврдено дека намерно не ја зела забранетата супстанца.
Халеп на крајот од 2017 година беше најдобрата тенисерка на светот, а во кариерата победи на вкупно 24 ВТА турнири.
Таа освои две грен слем титули, на Ролан Гарос во 2018-та и на Вимблдон во 2019 година. На Австралија опен во 2018 година играше во финалето кога беше поразена од Каролине Вознијацки од Данска. Халеп последен пат играше на грен слем турнир во 2022 година. на САД опен.