Гундоган се враќа во Сити како слободен играч. На Барса и олесна!

Официјално е потврдено. Германецот, Илкај Гундоган се враќа во Манчестер сити по само една година во Барселона и ќе потпише едногодишен договор со „граѓаните“.

Гундоган, кој лани дојде во Барселона како слободен играч по истекот на договорот со Сити, сега исто така бесплатно ќе дојде во Сити откако се откаже од преостанатите две годишни плати за да го олесни заминувањето.

Според Атлетик, 33-годишниот фудбалер постигнал договор со актуелниот шампион во Премиер лигата да се врати на една година, со опција за уште една.

Поранешниот ас на Борусија Дортмунд првпат му се приклучи на Сити во 2016 година и беше првото засилување на Пеп Гвардиола по заминувањето на Мануел Пелегрини.

Германецот освои пет титули во Премиер лигата во текот на тие седум години и беше капитен во освојувањето на тројната круна лани, пред да си замине.

Гундоган наводно не бил дел од плановите на Ханси Флик во Барселона, и неговото заминување општо е прифатено, пред се’, поради финансиските, не и спортски причини.

Фудбалерот од средниот ред беше еден од најплатените играчи во клубот и со оглед на тоа што Барса се мачеше да го регистрира летното засилување, Дани Олмо, овој потег треба да му помогне на шпанскиот гигант подобро да ги избалансира финансиите.

Илкај, кој најави повлекување од германската репрезентација, би требало да биде одлично засилување на „Етихад“. Не само што ќе го засили тимот, бидејќи беше еден од најдобрите играчи од средниот ред во Премиер лигата, туку ќе биде добра замена за Родри.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО