За прв пат од 2008 година Турција се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство (ЕП), во кое во сабота во Берлин ќе се сретне со Холандија.
Во победата против Австрија (2:1) во Лајпциг беа видени грди, шокантни сцени кои секако ќе резултираат со нови казни. При изведувањето на корнерите, гледачите од двете страни фрлаа се’ и сешто кон играчите на ривалските екипи. Тоа беше вистинска сурова страст во акција.
Од секторот каде што биле сместени турските навивачи, австрискиот напаѓач Марсел Сабицер беше погоден со метална паричка. Австриецот веднаш по ударот падна на тревникот, но набргу стана и ја продолжи играта.
Од другата страна, австриските навивачи фрлија вкупно 38 пластични чаши во правец на младата турска ѕвезда Арда Ѓулер, член на Реал Мадрид.
Во Германија се згрозени од однесувањето на толпата во Лајпциг. „Скандалозни сцени на кои не им е место во осминафинале на ЕП“, изјави новинарот на Билд.