На повидок е голем трансфер во Формула 1 (Ф1). Не станува збор за возач, туку за дизајнер, и тоа не било кој. Тоа е Адријан Њуи (65) најпочитуваниот дизајнер во историјата на Ф1, моментално се’ уште вработен во Ред Бул.
Иако имаше покана од Ферари, но и од голем број други тимови, „човекот кој може да го види воздухот“ ја избра понудата на Астон Мартин, ексклузивно објави „Дејли мејл“.
Луис Хамилтон, кој следната година се сели во Ферари, призна дека Њуи бил „на врвот од листата на соработници од соништата“, но нивните патишта нема да се вкрстат.
Го бараа од Мекларен, како и од Вилијамс, каде што ја почна кариерата во ерата на Најџел Менсел. Њуи дизајнираше победнички болиди кои освоија 12 титули меѓу конструкторите и 13 со седум различни возачи.
Тој беше привлечен од Астон Мартин, од големата амбиција на тимот, како и од фантастичната нова фабрика вредна 200 милиони фунти, чии размери и одлични способности го оставија вчудовиден.
Во Ред Бул, Њуи, кој плановите ги црташе со молив, заработуваше 17 милиони евра годишно, а во Астон Мартин ќе има шест милиони повеќе.
Сопственик на Астон Мартин е Лоренс Строл, канадски моден магнат чија финасиска „тежина“ Форбс ја проценува на 3,9 милијарди долари.
Негова желба е да ја освои шампионската титула во Ф1 во следните неколку години. Од 2026 година моторите за Астон Мартин ќе ги произведува Хонда.
Во новиот тим Њуи ќе соработува со Ленс Строл, 25-годишниот син на сопственикот и со Фернандо Алонсо (43), најстариот возач во Ф1.