Селекторот на Италија, Џенаро Гатузо, бурно реагираше по победата од 2:0 над Молдавија во квалификациите за Светското првенство, откако дел од навивачите ги исвиркаа играчите во моменти кога резултатот сè уште беше неизвесен.
Италија доминираше во текот на целиот натпревар и не дозволи ниту еден удар кон својот гол, но тоа не ги спречи дел од присутните да упатат критики и потсмев кон репрезентативците. Токму тоа најмногу го испровоцираше Гатузо.
– Она што го слушнав беше срамота. Не можам да го прифатам тоа, изјави видливо револтираниот селектор. „Овие момци се борат, даваат сè од себе. Не може во вакви моменти да се исмеваат.
Гатузо потсети дека натпреварот не е видео-игра и дека Италија не е обврзана да победува со двоцифрена разлика само затоа што Молдавија претходно загуби со 11:1 од Норвешка.
-Нема лесни натпревари во квалификациите.Ако некој очекуваше уште еден резултат како оној против Норвешка – тоа не е мој проблем. Важно е да победиш, а ние тоа го направивме.
И покрај победата, Италија останува во тешка ситуација во групата и за директен пласман ѝ е потребна убедлива победа во последното коло.
Селекторот упати повик до навивачите да останат зад тимот, посочувајќи дека критиката може да се изрази по натпреварот, но не во моментите кога репрезентацијата се бори за важни бодови.
„Потребна ни е поддршка, не дополнителен притисок. Сега е време за единство.