Францускиот великан би можел да биде исфрлен од Лига Европа

Фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј би можел да се соочи со драстични санкции од УЕФА, вклучително и исфрлање од Лига Европа следната сезона, поради сериозните финансиски проблеми што во моментов ги истражува УЕФА. Според првите информации, Марсеј се бори да ги исполни условите од договорот за спогодба што го потпиша со УЕФА во 2022 година.

Клубот тогаш, откако ги прекрши правилата за финансиски фер-плеј, беше казнет со релативно благи два милиони евра. За возврат, тој се обврза да го доведе својот бизнис во рамките на правилата за одржливост на УЕФА.

Сепак, Марсеј не успеа да го запре негативниот тренд. Според податоците на Францускиот орган за финансиски надзор (DNCG), клубот забележал вкупна нето загуба од речиси 157 милиони евра во последните три сезони. Во исто време, загубите постојано растеле: од 12,7 милиони евра во сезоната 2022/23 до 39,1 милиони евра во сезоната 2023/24, а во сезоната 2024/25 достигнале дури 105 милиони евра.

Телото за финансиска контрола на клубовите на УЕФА, на состанокот во вторникот, во Нион, ги разгледа случаите на клубовите кои работат според договори за спогодба. Иако Пари Сен Жермен не се смета за ризичен, за Лион не се очекуваат сериозни санкции, случајот на Марсеј наводно се смета за еден од најпроблематичните.

Клубот се обиде да оправда дел од своите финансиски тешкотии со падот на приходите од продажбата на домашните телевизиски права во Франција. Марсеј се надева дека УЕФА ќе ги земе предвид вонредните околности што влијаат на францускиот фудбал при оценувањето на нивниот случај.

Загриженоста во клубот беше дополнително продлабочена со неодамнешната ревизија спроведена од консултантската компанија „Тифоси Капитал“. Извештајот посочи на голем број проблеми, вклучувајќи преголем буџет за плати, високи оперативни трошоци и дополнителни обврски за трошење во блиска иднина.

Foto:EPA

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО