(ФОТО) Ферстапен лут на Расел: „Изгубив секаква почит кон него“

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен изјави дека ја изгубил сета почит кон Џорџ Расел од Мерцедес, откако Холанѓанецот беше казнет на трката за Големата награда (ГН) на Катар во Формула 1 (Ф1).

Ферстапен беше најбрз во саботата во квалификациите за ГН на Катар, а Расел го освои второто место. Но, организаторите на трката му го одзедоа првото место на Ферстапен бидејќи беше утврдено дека актуелниот светски шампион непотребно бавно возел во загревачкиот круг и со тоа го спречил Расел да постигне подобар резултат.

Ферстапен доби казна од една позиција подолу, поради што вчерашната трка ја почна од второто место, зад Расел. Но, возачот на Ред Бул го престигна Расел уште на почетокот од трката и на крајот успеа да победи. Британецот го освои четвртото место.


– Бев прилично изненаден во таа соба со стјуардите, поради се’ што се случи. Искрено, беше многу разочарувачки бидејќи мислев дека сите се почитуваме.

Сум бил во таа сала за состаноци многупати во животот, со луѓе со кои сум се тркал. Никогаш не сум видел некој да се труди толку многу за да наштети некому… Изгубив секаква почит кон Расел, изјави Ферстапен кој разговарал за се’ со Расел пред трката и му дал до знаење дека е незадоволен од неговото однесување.

Што се однесува до генералниот пласман, Холанѓанецот е прв со 429 бодови, а веќе ја обезбеди четвртата последователна титула во Ф1 шампионатот. Последната трка сезонава ќе се вози на 8 декември за ГН на Абу Даби.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО