Ханси Флик (58) е прв фаворит за преземање на тренерската функција во Барселона, како наследник на Чави кој најави дека ќе си замине на крајот од сезоната.
Ова го открива Кристијан Фалк, новинар на Билд, кој добро го познава германскиот фудбал.
– Барселона го извести Ханси дека е сериозен кандидат да стане нивни тренер. Тој сака да ја превземе Барса, а во прилог на тоа е податокот дека почнал да учи шпански, изјави Фалк.
Пред три години Флик беше на прагот да ја превземе Барселона. Преку видео средби тој ги договараше деталите со Жоан Лапорта, но на крајот ја одби понудата, па така Чави го наследи Роналд Куман.
Флик има многу интересна кариера. Тој осум години му беше асистент на селекторот на германската репрезентација Јоаким Лев, по што во летото 2019-та стана асистент на Нико Ковач во Баерн.
Есента истата година, Ковач доби отказ поради лоши резултати, а Флик го наследи. Тоа беше негова прва самостојна тренерска работа во кариерата на високо ниво и тоа на 53 години. Но доцната прилика сензационално ја искористи.
До крајот на спомнатата сезона тој ја освои тројната круна, а следната сезона Бундеслигата и клупското Светско првенстство (СП). Ја освои Лигата на шампиони (ЛШ) без пораз, како прв во историјата, и постави германски рекорд со 23 победи по ред во сите натпреварувања.
По сезона и пол во Баерн, Флик си замина со неверојатни 83 проценти победи, што е едно од најдобрите постигнувања во историјата на фудбалот. Баерн под негова палка постигнуваше по три гола на натпревар.
Потоа во летото 2021 година.Флик ја превзеде германската репрезентација, и почна феноменално, станувајќи третиот германски селектор без пораз во првите 10 натпревари.
Но, тогаш се случи катастрофа, испаѓање веќе во групната фаза на СП, по што продолжија очајните резултати. Лани во септември доби отказ по третиот пораз во низа.
Замина како втор најнеуспешен селектор во историјата на Германија според освоените поени по натпревар (1,72) и како прв во историјата на таа земја кој добил отказ.