Распоредот на натпреварите, како и градовите домаќини на 104-те натпревари на Светското првенство (СП) во фудбал 2026 година што ќе се одржи во САД, Мексико и Канада ќе биде објавен на 4 февруари, соопшти ФИФА.
ФИФА тогаш ќе го објави градот и стадионот каде што ќе се одигра финалето. Како фаворити, во најтесниот круг, се стадионот „AТиT“ во Арлингтон, Далас, Тексас и стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, Њу Џерси.
-Ние сме оптимисти околу нашите шанси да бидеме домаќини на финалето на СП 2026-та. Продолжуваме да работиме заедно со челниците на ФИФА за да да бидеме добри домаќини на најголемото СП, рече Моника Пол, извршната директорка на Спортската комисија во Далас.
Претходно, гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи изјави дека има впечаток оти стадионот во Ист Радерфорд, Њу Џерси, домот на Њујорк џајантс и на Њујорк џетс, сè уште е во конкуренција за домаќин на финалето.
-Прашањето е каде ќе се игра финалето и каков ќе биде распоредот. Мислам дека нашите шанси се добри, плус или минус 50/50, изјави Марфи.
Со проширувањето на турнирот на 48 репрезентации, ќе има 16 градови домаќини во трите земји. Тоа сe: Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас сити, Лос Анџелес, Мајами, Њујорк/Њу Џерси, Филаделфија, Сан Франциско и Сиетл во САД; Гвадалахара, Мексико сити и Монтереј во Мексико; и Торонто и Ванкувер во Канада.